|
Официјална веб-страница за Македонија
Научното истражување на Трансценденталната Медитација е најобемното и најдеталното истражување во светот од било која програма за развој на човековиот потенцијал. Спроведени се повеќе од 600 научни студии во 250 независни универзитети и институции во 33 земји од светот. Студиите кои ги потврдуваат придобивките во сите аспекти на животот се објавени во преку 100 светски научни списанија.
12 Јуни 2006 - Техниката за релаксација позната како Трансцендентална Медитација може да го намали крвниот притисок и да го намали отпорот на инсулин кај пациентите со коронарна срцева болест, според извештајот објавен на 12 јуни во изданието на Архивите за Интерна Медицина (списание на Американската Медицинска Асоцијација - JAMA).
Трансценденталната Медитација, која потекнува од древната ведска традиција во Индија, се учи преку стандарден протокол кој што вклучува предавања, лична инструкција и групни состаноци, според информации во статијата. Претходно беше покажано дека го намалува крвниот притисок, но нејзиниот ефект врз другите ризични фактори поврзани со коронарната срцева болест, вклучувајќи ги и оние поврзани со метаболичкиот синдром, не се целосно испитани. Метаболичкиот синдром се однесува на група симптоми кои го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, вклучувајќи го високиот крвен притисок (хипертензија), стомачна дебелина, висок холестерол и отпорност на инсулин, кои се јавуваат кога телото не е во можност да го користи инсулинот произведен од панкреасот и да го претвори шеќерот во енергија.
Маура Паул (м-р. за јавно здравје од Цедарс-Сенаи медицинскиот центар во Лос Анџелес) и нејзините колеги спровеле 16 неделно испитување на влијанието на Трансценденталната Медитација кај пациенти со коронарна срцева болест. Педесет и двајца пациенти (на просечна возраст од 67,7 години) биле воведени во Трансцендентална медитација, додека на 51 пациент (на просечна возраст од 67,1 години) им била дадена здравствена едукација. На почетокот и на крајот на испитувањето пациентите не јаделе во текот на ноќта, а потоа им бил земен примерок од крвта. Нивната медицинска историја била разгледувана и биле подложени на тестови за функцијата на крвните садови и променливоста на брзината на чукање на срцето, со што се оценува работата на автономниот нервен систем кој го контролира срцето и другите мускули кои се контролирани од потсвеста.
Од сите 103 учесници, 84 (82 проценти) целосно ја завршија студијата. На крајот на испитувањето, пациентите кои практикувале Трансцендентална Медитација имале значително помал крвен притисок, подобрени нивоа на гликоза и инсулин во крвта што покажува намален отпор на инсулин, како и постабилно функционирање на автономниот нервен систем. „Овие физиолошки ефекти беа постигнати без промени во телесната тежина, без лекови или психосоциолошки промени и покрај статистички зголемената физичка активност во групата која добила здравствена едукација", пишуваат авторите.
„Овие резултати исто така го прошируваат нашето разбирање на улогата на стресот во се поголемата епидемија на метаболичкиот синдром", продолжуваат тие. Резултатите ни покажуваат дека стресот предизвикува ослободување на кортизол и други хормони и невротрансмисери, кои со текот на времето го оштетуваат кардиоваскуларниот систем.
„Нашите резултати, покажувајќи корисни физиолошки ефекти на ТМ во отсуство на психосоциолошки промени, укажуваат на тоа дека Трансценденталната Медитација може да ја промени реакцијата на стресот наместо да го менува самиот стрес, слично на физиолошкото влијанието на вежбањето", пишуваат авторите. Овој метод на контролирање на одговорот на телото на стресот може да понуди нови методи за лекување и превенција на коронарната срцева болест и дава можност за дополнителни студии, заклучуваат тие.
(Извор: Архивите за Интерна Медицина 2006; 166:1218-1224. Достапно на www.jamamedia.org)
Забелешка на уредникот: Оваа студија беше поддржана со грантови од Националниот центар за алтернативна и комплементарна медицина, Националниот институт за здравје, како и грант за генерални клинички истражувачки центри доделен од Националниот центар за истражување.
За повеќе информации може да ги контактирате ЈАМА/Архивата на 312/464-JAMA (5262) или на e-mail: mediarelations@jama-archives.org.