Депресија кај адолесцентите

Невропсихологот Вилијам Стиксруд одговара на вашите прашања за депресијата кај адолесцентите, објаснувајќи ги придобивките на Трансценденталната Медитација. 

Мојот син, тинејџер, има проблеми со депресија. Дали ТМ може да помогне?

Др. Стиксруд: Знаеме дека постои генетска компонента која води до депресија, иако гените имаат многу помал удел за појава на депресија отколку за некои други нарушувања, како што се аутизмот и ADHD. Генетскиот придонес за депресија се движи некаде помеѓу 35 – 50 %, што значи дека најголемиот удел не доаѓа од генетиката. Депресијата доаѓа од вашите искуства, а главниот виновник е стресот.

Значи, исклучително е важно да се спречи појавата на депресија кај децата?

Др. Стиксруд: Едни од водечките светски експерти за менталното здравје на децата и адолесцентите велат дека највисокиот политички приоритет на земјата треба да биде спречувањето на менталните проблеми кај децата и адолесцентите. Со спречувањето на овие проблеми во детството и адолесценцијата, би можеле да ги спречиме повеќето ментални проблеми кај возрасните, проблеми за кои плаќаме висока цена изразена преку човечкото страдање и трошоците за лекување.

Дали им ја препорачувате техниката на Трансцендентална Медитација на Вашите пациенти?

Др. Стиксруд: Да, и јас не сум единствениот кој го прави тоа. Еден водечки експерт за менталните проблеми и развојот на мозокот во детството, еднаш советуваше еден мој млад пациент кој сакаше да престане да зема лекови за депресија. Советот на експертот беше: „Го имаш мојот благослов сè додека ги правиш овие 3 нешта: се придржуваш до редовен распоред, доволно спиеш и учиш да медитираш". Тој го даде овој совет бидејќи работеше во Националниот институт за здравје каде истражувачите ја проучуваа врската меѓу стресот и депресијата. Тој знаеше дека кога луѓето стануваат депресивни, нивните стрес хормони се дисбалансираат. Тоа може да се спречи со нормализирање на реакцијата на стресот. Практикувањето Трансцендентална Медитација два пати дневно им помага на младите да внесат ред, структура и рутина во текот на денот, а тоа му овозможува на нервниот систем подобро да функционира.

Дали депресијата е широко распространет проблем кај децата?

Др. Стиксруд: Да, и едно од нештата кои навистина загрижуваат е нејзината застапеност кај младите. Не постои целосно согласување, но многу експерти во оваа област сметаат дека сме сведоци на епидемија на депресија. Речиси сите се согласуваат дека почетокот на депресијата се јавува на сè помала возраст, па ако кај минатите генерации просечната возраст на појава на депресија беше 34 или 35 години, денес таа се јавува на 14 годишна возраст.

Истражувачите велат дека депресијата остава лузни на мозокот, па дури и ако тинејџерите се лечат од депресија и таа поминува, тие се поголеми песимисти од порано. Имаат повеќе проблеми со спиењето отколку што имале порано, а тоа ги доведува до ризик повторно да паднат во депресија. Секогаш кога некоја личност ќе падне во депресија, се зголемува можноста да се соочува со депресијата цел живот. Токму затоа експертите велат дека највисок приоритет треба да биде спречувањето на менталните здравствени проблеми кај адолесцентите.

Се чини дека денес има повеќе притисок врз младите отколку кога и да било порано?

Др. Стиксруд: Запознав момче со ADHD кога имаше 10 години. Беше многу хиперактивно, но исто така и весело, пријатно, неверојатно забавно и паметно момче кое лесно ќе го засакате. Повторно го видов кога имаше 16 години и користеше антидепресиви. Го запрашав зошто е на Сертралин (вид антидепресив), а неговиот одговор беше: „Порано ме нарекуваа момче – тефлон, бидејќи кога бев помал нештата не влијаеја на мене и секогаш бев добро расположен. Потоа тргнав во средно училиште и недоволно спиев. Навистина сакав да одам на универзитет, па секоја ноќ останував буден до 1 часот наутро, обидувајќи се да имам што подобри резултати на училиште. Најпосле се исцрпив, станав депресивен".

Мислам дека ова се случува одново и одново, особено кај девојчињата, бидејќи кога еднаш ќе достигнат адолесценција, тие имаат многу поголем ризик од депресија отколку момчињата. Советувам многу приватни училишта за девојки, од кои повеќето бараат многу знаење од учениците. Им помагам да разберат дека, долгорочно гледано, не сакаме учениците да бидат премногу уморни и под стрес за да станат депресивни. На Харвард на пример, 80 % од анкетираните студенти рекле дека се чувствувале депресивно во изминатата година.

Значи, техниката на ТМ може да го ослободи стресот кај овие деца и тинејџери?

Др. Стиксруд: Чувствувам дека учењето на децата да практикуваат Трансцендентална Медитација е веројатно најдоброто нешто што воопшто можеме да го направиме за нив. Тоа го велам бидејќи медитацијата им помага на децата да создадат средина која е релативно релаксирана, понормално да реагираат на стресот, да изградат ред и редовност во нивните рутини и да искусат длабоко ниво на среќа, креативност и енергија.

Научни истражувања

Анксиозност

Депресија и несоница

Подобрена интелигенција, креативност и способност за учење

 

Вилијам Стиксруд, доктор по филозофија

Вилијам Стиксруд, доктор по филозофија, е клинички невропсихолог и директор на „Вилијам Стиксруд и соработниците" во Силвер Спринг, Мериленд, група на практиканти која е специјализирана за пореметувања во учењето, вниманието, и социјални/емоционални пореметувања. Д-р Стиксруд е хонорарен инструктор во Детскиот национален медицински центар во Вашингтон.